На Волстрит нови рекорди, остар пад на европските берзи

На Волстрит минатата седмица индексот S&P 500 достигна рекордно ниво, исто како и Nasdaq, благодарение на силниот раст на цените на акциите на технолошките компании, додека европските берзи остро паднаа поради политичката неизвесност во Франција.

На најголемта светска берза њујоршки Волстрит минатата седмица индексот Dow Jones загуби 0,5 отсто, на 38.589 поени, додека S&P 500 порасна за 1,6 отсто, на 5.431 поен, а индексот Nasdaq 3,2 отсто, на 17.688 поени.

Новите рекорди за S&P 500 и Nasdaq главно беа поттикнати од зголемувањето на цените на акциите на производителите на чипови и технолошките компании, бидејќи инвеститорите очекуваат развојот на вештачката интелигенција да ја зголеми заработката во тие сектори.

„И натаму тоа во голема мера е приказна за технолошките акции, бидејќи кога ќе го погледнете поширокиот пазар, не го гледате учеството што би сакале да го видите на поздрав пазар“, вели Пол Нолте, аналитичар во компанијата „Murphy & Sylvest“.

И покрај рекордите, на најголемата светска берза владее претпазливост, на што укажува падот на индексот Dow Jones и потпросечниот обем на тргување во последните денови. Имено, згаснаа надежите на инвеститорите дека американската централна банка значително ќе ги намали каматните стапки до крајот на годината.

На редовната седница, челниците на Fed минатата седмица одлучија каматните стапки да останат непроменети во опсег од 5,25 до 5,50 отсто, што беше и очекувано. Но, тие ги намалија проценките во врска со каматите. Пред три месеца, челниците на Fed проценуваа дека оваа година би можеле трипати да ги намалат каматните стапки, додека сега очекуваат само едно намалување.

Цените на акциите растат со месеци поради шпекулациите дека Fed агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, но тоа очигледно беше преоптимистичко сценарио бидејќи инфлацијата останува далеку над целта на централната банка на САД од 2 отсто. Претседателот на Федералните резерви (Federal Reserve – Fed) Џером Пауел на прес-конференција рече дека инфлацијата значително се намалила од својот врв, но дека и натаму е превисока.

A на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата седмица. Имено, инвеститорите беа загрижени од одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да го распушти парламентот и да распише нови парламентарни избори на крајот на месецот, откако крајно десничарската партија на Марин Ле Пен победи на европските избори минатата недела.

Шокантната одлука на Макрон ја потресе политичката сцена бидејќи на претстојните парламентарни избори во Франција на власт би можела да дојде крајната десница, која со години е во подредена позиција.

Поради тоа, лондонскиот FTSE индекс минатата седмица се лизна за 1,2 отсто, на 8.146 поени, додека франкфуртски DAX потона за 3 отсто, на 18.002 поени, а париски CAC за 6,2 отсто, на 7.503 поени.